СОФТВЕР


Софтверот, односно програмскиот дел на компјутерот е поделен на две групи на програми:
  •         системски програми
  •          апликативни програми




Системските програми се поделени на:
  •          оперативни системи;
  •          услужни програми и
  •          контролни програми;


Апликативните програми се поделени на:
-         програми за уредување на текст;
-         програми за табеларни пресметувања;
-         програми за работа со бази на податоци;
-         програми за компјутерска графика;
-         програми за статистика и математика;
-         програми за тековно работење;
-         програми за комуникации;
-         програми за мултимедија и др.



Оперативни системи
Оперативниот систем претставува множество од програми без кои ниту еден компјутер не може да работи. Преку оперативниот систем се воспоставува врската помеѓу корисникот и компјутерот. Оперативниот систем управува со целокупната работа на компјутерот и ги контролира сите операции што се изведуваат во централната и периферните уреди. Оперативниот систем е составен од повеќе програмски модули, секој со точно одредена функција. Постојат модули за управување со работата на процесорот, со податоците и со периферните уреди.
Постојат повеќе оперативни системи: Windows, Linux, Mac OS, Unix.


Услужни програми
Во оваа група спаѓаат сите програми кои на некој начин нудат одредена услуга за корисникот. Тоа се програмите за заштита на компјутерот од вируси, програмите за компресија (пакување) на податоци, програмите за правење резервна копија на податоци, програмите за тестирање на компјутерот или на некои хардверски делови, програмите за конфигурирање на компјутерот и сл. Овие програми се познати под името “софтверски алатки“.  


Контролни програми
Контролните програми служат за управување со хардверот. Нивна задача е да го тестираат и контролираат хардверот при секое стартирање (вклучување) на компјутерот. Овие програми се сместени во ROM-меморијата на компјутерот и го сочинуваат т.н. BIOS (Basic Input Output System) на компјутерот.


Апликативни програми
Апликативните програми се користат за извршување (изработување) на конкретна работа – апликација, како на пример: подготовка на некоја книга, уредување на некоја слика, изготвување на плата, презентација за некое предавање, пребарување низ компјутерска мрежа итн.
Апликативните програми можат да се распределат во повеќе категории, во зависност од областа на примена.

  1. Програми за пишување и уредување на текст – типичен претставник на ваков вид на програма е Microsoft Word. Ваквите програми, односно уредувачите на текст нудат можности за внесување и уредување на текст (избор на букви, проред, внесување на слики, цртежи, табели и сл, избор на формат за печатење итн.) и се употребуваат за креирање на писма, дописи, извештаи, книги и сл.
  2. Програми за табеларни пресметувања - типичен претставник на ваков вид на програма е Microsoft Excel. Ваквите програми, односно табеларните пресметувачи овозможуваат изработка на табели и брза (автоматска) корекција на сите резултати, после било каква измена на еден или повеќе податоци во табелата. Овие програми нудат можност за употреба на формули, како и графичко прикажување на податоците од табелите во вид на различни графикони.
  3. Програми со работа на бази на податоци - типичен претставник на ваков вид на програма е Microsoft Access. Ваквите програми нудат можност за креирање и управување со бази на податоци, односно сместување на податоци, нивно поврзување, сортирање, пребарување и ажурирање (бришење, додавање, менување).
  4. Програми за компјутерска графика – овие програми можат да се групираат во повеќе групи: програми за обична графика (цртање, боење итн.), програми за деловна графика (изработка на графикони за работењето на фирмите), програми за професионална графика (обработка на слики и видео записи), програми за проектантска графика (проектирање на градби, алати, делови итн.) и програми за анимација (изработка на реклами, цртани филмови, филмски ефекти итн.)
  5. Програми за статистички и математички пресметувања – ваквите програми се употребуваат за пресметување на статистички величини или за извршување на сложени математички пресметувања. Добиените резултати можат да се прикажат и графички.
  6. Програми за тековно работење – во оваа група спаѓаат: програми за сметководство, за книговодство, за магацинско работење, за инвентарска евиденција итн.
  7. Програми за комуникации - овде спаѓаат програмите кои овозможуваат разни видови комуникации преку компјутерските мрежи како: електронска пошта, компјутерски конференции, пренос на податоци итн.
  8. Мултимедијални програми – се користат за работа и уредување на мултимедијални податоци (текст, графика, звук, видео).


Comments

Popular posts from this blog

Првиот електронски компјутер

ХАРДВЕР